31.8 C
Skopje
недела, 14 септември 2025

Интересно лето за македонските играчи – Волфсбург го мерка Ристовски, Младеновски е на проба во Динамо Киев

Ова лето ќе биде интересно за голем дел од македонските фудбалери, особено за репрезентативците, а дел од нив се пред добри трансфери, што ќе значи голем скок во кариерата.

Во преден план засега е Енис Барди, кој играше импресивно за Леванте и во третата сезона, а за него веќе се знае дека се интересираат Арсенал и Валенсија. Леванте бара околу 25 милиони евра, што е одлична сума за клубот, но и потврда за квалитетот на играчот од средниот ред.

Португалските медиуми денеска објавија дека има интерес за Стефан Ристовски од бундеслигашот Волфсбург, кој нуди отштета од 4 милиони евра за десниот бек на Спортинг Лисабон и на македонската репрезентација.

Ристовски е член на Лавовите од Лисабон од 2017 година и ако се пресели во Волфсбург, ќе му се приклучи на Дарко Чурлинов, како наши претставници во силната Бундеслига.

Пред трансфер е и уште еден наш репрезентативец, Марио Младеновски, кој е на проба во Динамо Киев. Младеновски, кој дебитираше за Македонија на мечот со Австрија во квалификациите за ЕП, го напушти Вардар и ќе се обиде да се наметне во редовите на најтрофејната екипа во Украина, но и во поранешниот СССР.

Можно е летово средината да ја сменат и Илија Несторовски, кој игра за Удинезе, а за него заинтересиран е новиот калчолигаш Кротоне, потоа и голманот Столе Димитриевски, кој има понуда од Хетафе, што би значело камбек за него во Ла Лига.

Има најава дека и Влатко Стојановски и Александар Трајковски, кои не играа многу за Ним и за Мајорка, се пред преселба во други клубови, со што се најавува интересно лето за дел од нашите најдобри играчи и репрезентативци.

- Оглас -

Најнови вести