Ирвинг ги засени Вестбрук и Џорџ, Бостон ја надигра Оклахома

Бостон селтикс го совлада тимот на Оклахома сити тандер со 134:129 и со тоа ја прекина серијата од седум последователни победи на Тандерси. Кајри Ирвинг ги предводеше Келтите во тесната пресметка со својот двоен учинок од 30 поени и 11 асистенции, додека на гостите не им помогна ниту шестиот трипл-дабл учинок во низа на Расел Вестбрук.

Иако Бостон цело време го држеше резултатот под контрола, гостите во неколку наврати успеваа да се вратат во игра и го сведоа мечот да се одлучува во последните минути. Токму најдобриот играч на Оклахома направи огромна грешка во одлучувачките моменти, Вестбрук се „коцкаше“ на 10 секунди пред крајот и загуби топка, што им овозможи на домашните кошаркари да остварат недостижна разлика од пет поени.

Шестиот трипл-дабл во низа на Вестбрук воедно беше негов 19-ти сезонава, заврши со 22 поени, 16 асистенции и 12 скока, но најефикасен кај поразените беше Пол Џорџ со 37 поени. Покрај 30-те поени на Ирвинг, придонес за победата имаше и Маркус Морис со 19 поени.

Tоронто го запиша само вториот триумф во последните пет меча, а на домашен терен репторси беа подобри од ЛА клиперс со 121:103. Домаќините без многу проблеми стигнаа до 38-миот триумф сезонава, откако во последната четвртина влегоа со +17 поени предност.

Кавај Ленард се истакна како најефикасен од таборот на Торонто со 18 поени, Ибака заврши со двоен учинок од 16 поени и 12 скока, додека кај гостите најрасположени беа Гилџес-Алекзандер со 19, односно Вилијамс со 18 поени.

Претходно Мемфис гризлис славеше на гостувањето во Њујорк против никси со 96:84, а само до 21-вата победа Гризлите беа предводени од дуото Конли – Гасол, кои комбинираа 49 поени (25 поени на Конли, 24 Гасол) за славење во „Медисон Сквер гарден“.

 

- Оглас -

Најнови вести