Историски пресврт на Атланта против најдобриот тим во НБА, Јокиќ со новите патики го демолира Мемфис (Видео)

Најдобриот тим во НБА-лигата, Бостон селтикс (57-15) во Атланта имаше предност од 30 поени разлика и изгледаше дека ќе оствари уште една победа, но мечот заврши со историски пресврт на Хоукси.

Атланта, која имаше 20 порази во последните 22 меѓусебни меча, со неверојатен пресврт успеа да слави со 120:118. Тројката за историскиот пресврт ја постигна Деандре Хантер на десет секунди пред крајот на мечот за плус еден за Атланта.

 

Бостон на четири и пол минути до полувремето имаше водство од 68:38 и речиси никој не веруваше дека Атланта ќе успее да се врати. Но, јастребите успеаја да го направат најголемиот камбек на еден натпревар од сезоната 1997-98, кога НБА-лигата почна да води детална статистика за секој посед на топката.

Херојот Хантер постигна 24 поени, Богдан Богдановиќ даде 22, додека Дежонте Мареј постигна 19 поени и имаше 15 асистенции. Кај Бостон најдобар беше Џејсон Тејтум со 37 поени.

 

Никола Јокиќ не требаше да игра за Денвер нагетс против Мемфис гризлис поради проблеми со грбот, но се појави на паркетот и го демолира противникот. Во победата на неговиот тим од 128:103, Јокиќ одигра 30 минути и имаше учинок од 29 поени, 11 скока и осум асистенции.

 

Овој меч беше премиерен за Јокиќ со новите патики, тој за првпат настапи во патиките на новиот спонзор 361 степен. Со оваа победа Денвер сега има скор 51-21 и има две победи повеќе од Оклахома сити и Минесота, но има и два меча повеќе.

 

Лука Дончиќ со нов трипл-дабл го предводеше Далас маверикс до триумф од 115:105 против Јута. Дончиќ мечот го заврши со 29 поени, 12 скока и 13 асистенции, додека одлична партија одигра и Ирвинг, кој постигна 27 поени.

Резултати: Кливленд – Шарлот 115:92, Атланта – Бостон 120:118, Њујорк – Детроит 124:99, Торонто – Бруклин 88:96, Чикаго – Вашингтон 105:107, Хјустон – Портланд 110:92, Сан Антонио – Феникс 104:102, Денвер – Мемфис 128:103, Сакраменто – Филаделфија 108:96, ЛА клиперс – Индијана 116:133

- Оглас -

Најнови вести