МЗТ Скопје Аеродром и Феникс ќе играат во денешното финале на Купот на Македонија „Благоја Георгиевски-Буштур“. Дуелот е закажан за во 19:30 часот во „СРЦ Кале“, а влезот е бесплатен.
За аеродромци ова ќе биде 15-то финале и ќе атакуваат на 11-тиот трофеј. Доколку успее МЗТ да победи, ќе стане најтрофеен клуб во историјата на ова натпреварување, оставајќи го зад себе вечниот ривал Работнички со 10 пехари.
Од друга страна, Феникс за прв пат во клупската историја игра финале и ќе се бори за трофеј во Купот. Тоа е клуб кој од пред неколку години е дел од елитното натпреварување и со покажаното на теренот, сосема заслужено се најде во финалето, откако во Купот ги елиминираше екипите на Гостивар и Пелистер.
Ако се погледне традицијата на меѓусебните дуели меѓу МЗТ и Феникс, аеродромци се големи фаворити, затоа што во шесте дуели одиграни во последните 15 месеци, секогаш победувал актуелниот првак на Македонија. Сепак, Куп мечевите секогаш знаеле да донесат изненадувања и моменталната инспирација може да биде клучна околу тоа кој ќе го крене трофејот на крајот од средбата.