Поранешниот македонски фудбалски селектор, Игор Ангеловски, неодамна беше назначен за тренер на хрватскиот прволигаш Горица. Популарниот Мрме дебито во новиот клуб треба да го има следниот викенд, и тоа на гости кај Вараждин.
Иако ова ќе биде дуел на две екипи од долниот дел од табелата, тој ќе биде историски. За првпат во историјата на хрватското првенство еден дуел ќе го суди арбитер од странство.
Главен судија на средбата ќе биде Радослав Гиџенов од Бугарија, а помошници ќе му бидат неговите сонародници. Во исто време, хрватскиот судија Анте Чулина ќе биде главен на дуелот од бугарското првенство меѓу Спартак Варна и ЦСКА Софија.
Гиџенов е перспективен судија кој има 85 меча на професионално ниво, во кои доделил 379 жолти и 17 црвени картони. Вкупно 18 пати досудил и пенал. Тој е познат и по неговиот животен стил и го има прекарот бугарски Плејбој.
Останува да видиме дали Бугаринот ќе му донесе среќа на Ангеловски во дебито како предводник на Горица.
View this post on Instagram