Селекциите на Италија, Чешка и Словенија се новите три репрезентации кои по вечерашните дуели си обезбедија пласман на Европското првенство кое идната година ќе се одржи во Германија.
Во групата Ц, во која е и Македонија, Украина и Италија во Леверкузен одиграа без голови и тој резултат им одговараше на Аѕурите да го освојат второто место.
Чесите исто така во директен дуел со конкурентот за второто место во групата Е, Молдавија, славеа со 3:0 и го визираа пасошот за Германија. Чесите фуриозно тргнаа од првата минута и веќе во 14-тата минута преку Дудера го отворија резултатот.
Дилемите околу победникот и патникот на ЕП беа решени во 72-рата минута, кога Хори зголеми на 2:0, а во последните моменти од мечот, Соучек го постави конечниот резултат.
На стадионот „Стожице“, Словенија го совлада Казахстан со 2:1 и ѝ се приклучи на Данска како втора селекција од групата Х која ќе игра на ЕП. Ова за Словенија ќе биде второ учество на Европските првенства, дебитантскиот настап го имаше во 2000 година.
Шешко од пенал во 41-вата минута ѝ донесе водство на Словенија, но Казахстан израмни на стартот од второто полувреме преку Оразов. Победата на Словенија ѝ ја донесе Вербич во 86-тата минута.
Резултати
Група Ц
Македонија – Англија 1:1
Украина – Италија 0:0
Табела: Англија 20, Италија 14, Украина 14, Македонија 8, Малта 0.
Група Е
Албанија – Фарски Острови 0:0
Чешка – Молдавија 3:0
Табела: Албанија 15, Чешка 15, Полска 11, Молдавија 10, Фарски Острови 2.
Група Х
Словенија – Казахстан 2:1
Северна Ирска – Данска 2:0
Сан Марино – Финска 1:2
Табела: Данска 22, Словенија 22, Казахстан 18, Финска 18, Северна Ирска 9, Сан Марино 0.