26.8 C
Skopje
петок, 11 јули 2025

Големи се шансите да гостуваме во Вечниот град – Италија има рок уште 7 дена да објави каде ќе го игра баражот со Македонија

Фудбалската асоцијација на Италија, ФИГЦ, од ФИФА има рок уште 7 дена за да објави на кој стадион ќе ѝ биде домаќин на Македонија во бараж-полуфиналето на 24 март за настап на Мундијалот во Катар.

Деветти декември е последниот термин за сите репрезентации што ќе бидат домаќини во полуфиналето и во финалето на дополнителните баражи да се изјаснат на кои стадиони ќе се играат натпреварите.

Следната година во ноември и декември ќе се игра Светското првенство во Катар, а Македонија е учесник во еврпопските баражи и имаше тешка ждрепка во Цирих на 26 ноември.

Во полуфиналето нè чекаат како домаќини четирикратните светски прваци и актуелни европски шампиони, Италијанците, а сè уште не се знае на кој стадион ќе играме.

Се претпоставува, според важноста на мечот, дека ќе играме на „Олимпико“ во Рим, а Аѕурите треба точно да објават до 9 декември.

Италија играше на четири различни стадиони на четири меча во квалификациите.

Против Северна Ирска победи со 2:0 на „Енио Тардини“ во Парма, со Бугарија ремизираше 1:1 на „Артемио Франки“ во Фиренца, Литванија ја декласираа со 5:0 на „Мапеи“ во Реџо Емилија и со Швајцарија на крајот ремизираа 1:1 на „Олимпико“ во Рим.

Со Македонија имаат играно двапати, а нè победија во Скопје со 3:2 и ремизиравме во Торино на „Олимпискиот стадион“ 1:1 во квалификациски мечеви за претходниот Мундијал во Русија што се играше во 2018 година.

Ако ги елиминираме Аѕурите, би играле финален бараж-меч со Португалија или Турција, исто така на гости, на 29 март и победникот ќе учествува на СП во Катар.

 

- Оглас -

Најнови вести