Италија веќе знае каде и кога ќе игра на ЕП 2020

На 30-ти ноември во Букурешт ќе се изврши ждрепката за составот на групите на Европското фудбалско првенство кое ќе се игра следната година во 12 различни земји, но некои селекции кои обезбедија пласман веќе знаат во која група ќе бидат и во кој град ќе играат. Италијанците си ги знаат дури и термините за мечевите од групната фаза.

УЕФА реши секоја од шесте групи да се игра во два града, а секоја репрезентација која има град-домаќин ако се пласира на Еуро 2020, ќе си игра таму на домашен терен.

Ова значи дека Италија ќе биде во групата А, која ќе се игра во Рим и Баку. Русија ќе биде дел од групата Б и ќе игра во Санкт Петербург и можеби Копенхаген, а Шпанците се во групата Е бидејќи ќе се игра во Билбао. Дали ќе ги играат сите три меча таму или еднаш ќе гостуваат во Даблин кај Ирска, ќе се знае во ноември.

Италијанците сите три меча ќе ги играат на „Олимпико“ бидејќи Азербејџан нема шанса да игра на ЕП, па Аѕурите ќе го отворат Европското првенство на 12 јуни. Само не се знае против кого.

Од земјите кои може да играат групна фаза дома, блиску до тоа се Англија, Холандија и Германија, а реални шанси имаат и Република Ирска и Данска. Во незгодна позиција се Романија и Унгарија, Шкотска може само преку евентуален бараж, а Азербејџан ќе чека исход од Лигата на нациите за да влезе во бараж.

- Оглас -

Најнови вести