Владата на Италија размислува за опцијата да ја прекине фудбалската Серија А, и тоа во траење од 14 дена. Ова го најавува весникот „Кориере дела сера“, а алармот во Владата бил вклучен откако се дозна дека 14 членови на Џенова, од кои 11 фудбалери, се позитивни на коронавирус.
Екипата на Џенова викендов играше со Наполи, па денеска за 13 часот, наполитанците имаа закажано тестирање. Ако резултатите бидат лоши, тогаш нема да биде чудно ако се одложат некои натпревари, или најрадикалното решение, 14-дневен прекин на целата лига. Во следното коло Џенова треба да игра со Торино, а Наполи дерби со Јувентус.
Ако голем број на играчи на Наполи се позитивни, тогаш сите опции се во игра, бидејќи голем број на фудбалери ќе мора да останат во карантин две недели, и тоа ја доведува во прашање регуларноста на првенството.
И во Македонија се чека исходот од тестирањата. За десет дена во Скопје, Македонија игра исклучително важен меч со Косово на патот кон ЕП 2021, и би бил огромен хендикеп ако поради Ковид-19 не може да допатуваат Горан Пандев и Елиф Елмас.