Фудбалската федерација на Италија одлучила полуфиналето од баражот за СП како домаќин да го игра на „Њу Баланс арената“ во Бергамо.
Информацијата уште не е дефинитивно потврдена, но речиси е сигурно дека нема да има промена на ставот и тој важен меч Аѕурите ќе го играат на стадионот на Аталанта.
Италијанците беа елиминирани од баражите за СП во 2018 и 2022, прво од Шведска на „Сан Сиро“ во Милано, па од Македонија на „Ренцо Барбера“ во Палермо, и се надеваат на трета среќа. Можно е повторно да се сретнат Италија и Македонија во полуфиналето доколку загубиме од Велс. Бергамо е поволна варијанта и за Фалангата бидејќи во северниот дел на Италија, а и во Швајцарија има доста нашинци и покрај тоа, од Скопје има директна авионска линија до Бергамо со нискобуџетна авиокомпанија и може да се најдат евтини билети.
Ако влезат во финалето на баражите и пак играат дома, тогаш Италијанците преферираат тоа финале да се игра на „Олимпико“ во Рим.

