Ја нема Италија, а Анчелоти изненади многумина со својот избор за кого ќе навива на Мундијалот во Катар

Карло Анчелоти со Реал Мадрид има одлична сезона. Тимот е убедливо прв во Примера дивисион, а ќе игра и во полуфиналето на Лигата на шампионите. Италијанскиот стратег едноставно од Реал создаде тим кој се бори до последен момент и не се откажува без разлика кој е ривалот. Тоа беше потврдено и на последните неколку важни меча, кога со пресврти се радуваа во дуелите против ПСЖ и Челзи во Лигата на шампионите, како и синоќешниот триумф над Севилја на гости.

Анчелоти уште сега се подготвува за Светското првенство во Катар, а иако Италија нема да биде дел од Мундијалот, легендарниот стратег има свој фаворит.

„На Светското првенство ќе навивам за Канада. Тоа е селекција која неколку мундијали по ред не беше на завршницата, а тоа е и мојот втор дом. Освен тоа, претседателот на Канадската фудбалска федерација е од италијанската област Абруца. Сите ќе навиваме за Канада“, рече Анчелоти, кој од 2014 година е во брак со Канаѓанката Маријан Барен.

Канада за првпат по 36 години ќе биде дел од планетарниот собир. На Мундијалот е во група со Белгија, Мароко и Хрватска и навистина ќе биде тешко да се пројде во нокаут-фазата.

- Оглас -

Најнови вести