Јирген Клоп најави: Лацио ќе го освои Скудетото во Италија

Јирген Клоп со својот Ливерпул веќе може да ги започне подготовките за славењето на титулата во Премиер лигата. Гигантот од „Енфилд роуд“ има неверојатни 25 бода повеќе од второпласираниот Манчестер сити и само официјално се чека шампионската промоција која навивачите на Ливерпул ја чекаат 30 години.

И додека Ливерпул може комотно да ги дочекува следните мечеви, нивниот стратег реши да прокоментира за ситуацијата во италијанската Серија А, каде што во трка за титулата се дури три екипи. Јувентус е лидер со 57 бодови, Лацио е втор со 56, а Интер е на третото место со 54 бода. Клоп верува дека на крајот Лацио ќе биде првак во Италија.

„Навивам за Лацио во трката за титулата во Италија. Во тој тим имаме поранешен играч на Ливерпул, Лукас Леива. Чиро Имобиле исто така е мој некогашен играч од времето во Борусија Дортмунд. Жал ми е за Маурицио Сари и Антонио Конте, но мислам дека Лацио ќе се радува на крајот. Тој тим има неверојатна сезона“, рече Клоп, кој додаде дека пред почетокот на сезоната верувал дека Јувентус лесно со 10-тина бодови предност ќе стигнел до трофејот пред останатите, но се излажал.

Дека Лацио има шампионски карактер, покажа синоќа во дербито против Интер. Небесносините на полувремето губеа со 0:1, но на крајот стигнаа до триумф од 2:1.

 

- Оглас -

Најнови вести