Јокиќ и Дончиќ нема кој да ги сопре, на Лејкерс премногу им фали Џејмс (Видео)

Лос Анџелес лејкерс едноставно не може без Леброн Џејмс. По поразите од Филаделфија и Шарлот, Лејкерс третпат во низа беа поразени, овојпат на гостувањето кај Атланта со 129:121.

Ентони Дејвис со 27 поени беше најефикасен за Лејкерси, но тоа беше премалку за да се сопрат расположените домаќини предводени од Тре Јанг, кој заврши со 36 поени и 12 асистенции.

Денвер доминираше на теренот на НБА-првакот Милвоки и победи со убедливи 136:100. Никола Јокиќ беше на чекор од нов трипл-дабл и му фалеше само еден скок, па на крајот заврши со 18 поени, 15 асистенции и девет скока. Јокиќ го завршува јануари со шест трипл-дабл учиноци, што е само еден помалку од рекордот на легендарниот Вилт Чемберлен по бројот на вакви учиноци во еден месец.

Со трипл-дабл заврши Лука Дончиќ, но тоа не беше доволно Далас да избегне пораз на гостувањето кај Орландо од 110:108. Дончиќ заврши со 34 поени, 12 скока и 11 асистенции, но тимската игра на Магичните беше пресудна. Дури седуммина играчи на Орландо постигнаа двоцифрен број поени.

Резултати: Детроит – Кливленд 115:105, Милвоки – Денвер 100:136, Орландо – Далас 110:108, Минесота – Јута 126:106, Феникс – Сан Антонио 115:110, Чикаго – Портланд 130:116, Атланта – ЛА Лејкерс 129:121, Шарлот – ЛА клиперс 90:115.

- Оглас -

Најнови вести