Според најавите од САД, Никола Јокиќ нема да го добие признанието за најкорисен играч во НБА лигата по завршување на регуларниот дел. Центарот на Денвер има неверојатна сезона во која имаше просек од 29,8 поени, 12,8 скока и 10,3 асистенции по меч, односно тоа е трипл-дабл по меч.
Претходно вакви бројки за трипл-дабл во просек имале само двајца кошаркари и тоа се Оскар Робертсон и Расел Вестбрук, на кого тоа му успевало во четири сезони.
И покрај одличната сезона на српскиот центар, за МВП во регуларниот дел на НБА се очекува да биде избран Шеј Гилџес-Александер од Оклахома, кој сезонава има просек од 32,7 поени, пет скока и 6,4 асистенции по меч. Оклахома е најдобриот тим во лигата со 67 победи и само 14 порази и тоа е главната причина зошто Гилџес-Александер е фаворит за МВП признанието пред Јокиќ.
За Јокиќ можеби ќе го нема МВП признанието, но најавите се дека Денвер ќе му понуди нов тригодишен договор според кој ќе заработи неверојатни 212 милиони долари. Целата досегашна кариера Јокиќ ја поминува во Денвер, клуб кој го избра како 41 пик на драфтот во 2014 година.
Во дресот на Денвер, Јокиќ има одиграно преку 800 меча, а најголемиот успех го имаше во 2023 година кога го одведе тимот до шампионската титула во НБА.