Томислав Јотовски е единствен македонски тенисер кој успеа да ги мине трите квалификациски кола на „Истарска ривиера“ во Пореч, турнир со 48-годишна традиција. Овој ИТФ-турнир кој се игра на земјена подлога има награден фонд од 15.000 долари.
Ова е турнир на кој играле легенди како Горан Иванишевиќ, Борис Бекер, Томас Мустер, Ричард Краичек, Иван Љубичиќ, како и Доминик Тим, кој е актуелна тениска ѕвезда.
Јотовски во квалификациите ги елиминираше Унгарецот Ворош, Хрватот Кекез, од кого загуби во Скопје, па му се реваншираше сега на гости, а денеска со 6-1, 6-2 го порази Холанѓанецот Лончар. Популарниот Томи во првото коло во Пореч ќе игра со Италијанецот Оклепо, а ако го мине, во второто ќе игра со Чехот Павел Неједли, кој е осми носител и 460-ти на АТП-листата.
Горазд Србљак испадна во третото квалификациско коло од Полјакот Цијас. Во квалификациите учествуваа и Калин Ивановски и Обрад Марковски, кои имаа и меѓусебен дуел. Победи Ивановски, кој потоа испадна од кобниот Полјак Цијас, кој спречи да има двајца Македонци на главниот турнир.