Лука Јовиќ не се повредил на тренинг на Реал Мадрид, туку паднал од ѕид на својата куќа во Белград и како што пишува српски „Курир“, едвај останал жив.
Српскиот репрезентативец ја повреди петата и ќе паузира најмалку три месеци, но сега приказната е поинаква.
„Курир“ од свои извори блиски до семејството на Јовиќ информира дека играчот на Реал Мадрид имал несреќа во својот дом во Белград.
„Навистина беше опасно и едвај остана жив. Падна од ѕидот, а ни мене не ми беше јасно како успеа. Беше случајно, но и многу незгодно за него“, изјави за српскиот медиум човек кој е близок на семејството на фудбалерот.
Јовиќ и претходно не мируваше, па доби и пријава во Белград за нарушување на полицискиот час, а сега и се повреди на бизарен начин, ако е точна приказната што ја објави „Курир“.
Српскиот репрезентативец секако ќе ја пропушти сезонава, а Шпанците најавуваат нејзино продолжение од 12 јуни, па веројатно нема да може да настапи и во август во Лигата на шампионите во реваншот од осминафиналето против Манчестер сити.