Манчестер јунајтед конечно проработе, и тоа во вистински момент, за триумф од 2-1 над големиот ривал Ливерпул во дербито од третото коло во Премиер лигата. Црвените ѓаволи за првите три бода сезонава успеаја да прекинат пост од девет меча без победа над Црвените од Мерсисајд, кои пак и во третиот лигашки меч не успеаја да се најдат на победничката страна.
Пред почетокот на дербито, навивачите имаа прилика да му посакаат добредојде на Каземиро, големото засилување од Реал Мадрид, а Црвените ѓаволи на убав начин исто така го отпоздравија со триумф против лутиот ривал.
This is your home, @Casemiro 😍#MUFC pic.twitter.com/MSfdt5rGRv
— Manchester United (@ManUtd) August 22, 2022
Џејдон Санчо во 16-тата минута на мајсторски начин ја затресе мрежата на Алисон, кога ја насамари одбраната на гостите, а само неколку минути претходно Еланга испушти неверојатна шанса.
Во финишот од полувремето, комична ситуација за малку ќе го чинеше Јунајтед автогол, но лошото расчистување на Фернандеш заврши во телото на Мартинес, кој стоеше на самата гол-линија.
До водство од 2-0, избраниците на Тен Хаг стигнаа во 53-тата минута по контрата во режија на Марсијал и Рашфорд. Иако моментот беше спорен, ВАР провери и покажа дека нема недозволена позиција, а англискиот напаѓач рутински заби за двојна предност на Јунајтед.
Кога се чинеше дека е готово, Салах успеа да ја протне топката во противничкиот гол и да намали на 2-1, што за него е јубилеен 10-ти гол против Манчестер јунајтед и така стана најефикасен играч на Црвените во дербијата против 20-кратниот англиски првак. Фараонот воедно го забележа 120-тиот гол во Премиер лигата, со што се израмни со Стивен Џерард на клупската вечна листа.