Управата на Манчестер јунајтед на лето ќе го стави Ромелу Лукаку на продажба, а средствата од неговото евентуално заминување ќе бидат искористени за нов голгетер. По доаѓањето на Оле Гунар Солскјер, Лукаку го загуби местото во стартните 11, а неговиот голгетерски пост кој трае од почетокот на јануари го стави во незгодна ситуација.
Во таборот на „црвените ѓаволи“ повеќе не сметаат на Белгиецот, како најистурен играч во формацијата игра Рашфорд, додека во следниот преоден рок Јунајтед ќе се обиде да го доведе Мауро Икарди од Интер, или Пауло Дибала од Јувентус. Не се исклучува можноста Лукаку да биде понуден во директна размена за еден од двајцата играчи на италијанските екипи, со дополнителна доплата од англискиот гигант.
Лукаку пристигна на „Олд трафорд“ во летото 2017 година, за сума од 75 милиони фунти го напушти Евертон, а досега настапи на 83 меча на кои запиша 38 погодоци и 18 асистенции во сите натпреварувања. Оваа сезона игра далеку под своите можности, само девет гола на 32 меча се премалку за голгетер од светско реноме.