Последната понуда која Интер ја прати до таборот на Манчестер јунајтед за Ромелу Лукаку изнесуваше 70 милиони евра, но поделена на 10 милиони според едногодишна позајмица, а останатите пари да ги платат на две рати по 30 милиони евра. Но, повторно Конте за возврат доби негативен одговор.
Црвените ѓаволи не даваат попуст ни еден цент, бараат 85 милиони евра, oдносно да си ги вратат парите кои ги потрошија за Белгиецот кога го купуваа од редовите на Евертон во летото 2017 година.
Оваа сума не може да ја плати Интер бидејќи досега потрошија над 50 милиони евра за Лазаро, Сенси, Бразао, а треба да се напомене дека по крајот на минатата сезона ги исплатија и предвидените 20 милиони евра за Политано, кој играше како позајмен играч од Сасуоло. Николо Барела е на пат кон „Џузепе Меаца“, а како што најавија италијанските медиуми, трансферот ќе вреди околу 50 милиони евра.
Тоа значи дека касата на миланскиот гигант е речиси празна, а средства за Лукаку ќе најдат само ако го продадат Мауро Икарди. За Аргентинецот во игра се и Јувентус и Наполи, но тоа е сага која допрва ќе го добие крајниот епилог, а може и да не заврши ова лето.