Јувентус стигна до најубедливата победа во последните година дена, откако со убедливи 5:0 славеше над Кремонезе во меч од 20 коло на италијанската Серија А. Со оваа победа гигантот од Торино стигна до 39 бодови, колку што има и третопласираниот Наполи. Пред нив се Милан со 40 бодови и лидерот Интер со 43 бодови.
За Јувентус ова беше прв пат во полледните осум години да постигне 5+ погодоци во првенствен дуел. Во февруари 2018 година, торинскиот гигант со 7:0 го победи Сасуоло, а синоќа немаше милост против Кремонезе и славеше со 5:0.
Тренерот на Јувентус, Лучано Спалети беше презадоволен од победата, но признава дека неговиот тим уште не е на нивото на двете екипи кои ги смета за први фаворити во трката за титулата.
„Го гледав дуелот меѓу Интер и Наполи, тоа се две екипи кои одиграа фудбал на врвно ниво. Одиграа отворено, покажаа победнички карактер, беа полни со различни идеи во нападот. Ние мора да се подобриме за да се доближиме до тоа ниво на игра. Моментално Интер и Наполи се двете најдобри екипи во Серија А“, рече Спалети, кој додаде дека главна цел на екипата е да продолжи да игра во ист ритам.

