Кај нив почна германската фудбалска приказна, 146 години подоцна последни ќе се рестартираат

Дрезден е градот каде што се поставени темелите на фудбалската игра во Германија, а „Дрезден Инглиш фудбал клуб“ е првиот клуб каде што во 1874 година почна да се тркала бубамарата во земјата која е четирикратен светски првак.

Први почнаа со фудбал, а сега, 146 години подоцна, последни ќе рестартираат во Втората Бундеслига, или популарната Цвајта. Играчите на Динамо Дрезден конечно пак ќе играат, и тоа на 31 мај против Штутгарт, откако пропуштија три кола во камбекот на германскиот фудбал по паузата од повеќе од два месеци.

Кај нив имаше позитивни тестови на корона-вирусот, па сите играчи беа испратени на дополнителен 14-дневен карантин, со што го пропуштија рестартирањето на Втората лига на 16.мај.

Сега сè е в ред, во таборот на Динамо нема заразени или играчи со симптоми на ковид-19, па се очекува конечно избраниците на Маркус Каучински да истрчаат на теренот, за три дена, на дуелот од 29-тото коло против Штутгарт.

Моментно клубот од Дрезден е на последното место во Цвајта со 24 бода од 25 натпревари и заостанува за 7 бодови од Нирнберг, кој е прв над зоната за испаѓање, но има и три меча повеќе од фенерџијата.

 

- Оглас -

Најнови вести