Кајри ја украси својата поранешна градина со 37 поени, Лејкерси со рекорд од втора шанса ги демолираа Дончиќ и Далас

Кајри Ирвинг и Кевин Дурант и во вториот меч во новата сезона во НБА лигата потврдија дека се пеколен тандем, еден од најдобрите во НБА лигата, а со заеднички учинок од 66 поени го предводеа Бруклин нетс до убедлив триумф против Бостонс селтикс со 123:99.

Кајри го украси „својот“ ТД Гарден со 37 поени против најтрофејната екипа во историјата на НБА лигата, заедно со Лос Анџелес лејкерс.

Бекот на Мрежичките имаше и 8 асистенции и беше незадржлив за домашната одбрана, а му се приклучи и Дурант со 29 поени.

Шампионот Лос Анџелес лејкерс лесно го прегрме стартниот пораз од градскиот ривал Клиперс и празнично во божиќната ноќ со НБА го демолираше Далас маверикс со 138:115.

Езерџиите апсолутно ја добија битката под кошевите и имаа дури 53 скока, наспротив 27 на ривалот, па разликата од 23 поени не е изненадување. Особено ако се знае дека Лејкерс на целиот меч не примија кош од втора шанса, а постигнаа дури 35 по офазнивен скок, па ефектот од 35:0 во поени од втор обид е рекорд на лигата.

И тука одлично одигра Ол-стар тандемот Леброн Џејмс и Ентони Дејвис со 50 поени комбинирано. Кралот Џејмс постигна 22 поени со 10 асистенции и 7 скока, додека популарната „Веѓа“ имаше учинок од 28 поени, 8 асистенции и пет скока.

Кај поразениот тим Лука Дончиќ беше најефикасен со 27 поени.

Празничната ноќ во НБА лигата ја комолетира и Лос Анџелес клиперс со победа од 121:108 против Денвер нагетс.

 

 

- Оглас -

Најнови вести