Како е можно ниту Сити, ниту Ливерпул да не бидат шампиони по завршување на последното коло?

Пред последното коло во Премиер лигата, Манчестер сити е лидер со 90 бодови, пред Ливерпул со 89 бодови. Играчите на Пеп Гвардиола сами си решаваат за тоа дали ќе бидат прваци, додека Ливерпул треба да чека кикс на лидерот.

Има повеќе сценарија околу тоа како ќе се реши титулата во Англија, а едно е толку неверојатно што вели дека можно е Сити и Ливерпул да мора да играат мајсторка за да го решат шампионот.

КАКО СИТИ ЌЕ БИДЕ ПРВАК?

Сити со победа над Астон вила во последното коло сигурно ќе остане прв, ќе биде шампион и ќе стигне до осмата титула во клупската историја.

КАКО ЛИВЕРПУЛ ЌЕ БИДЕ ПРВАК?

Ливерпул ќе мора да слави над Вулверхемптон и да се надева дека Астон вила нема да загуби од Сити. Со победа, Ливерпул ќе има 92 бода, а Сити би бил на 91 бод (во случај на реми) или ќе остане на 90 бодови (во случај да загуби).

ШТО ЌЕ БИДЕ АКО ДВАТА ТИМА ЗАВРШАТ СО ЕДНАКОВ БРОЈ БОДОВИ?

Ако двата меча завршат нерешено, Сити ќе ја задржи предноста од еден бод, но ако Граѓаните загубат, а Ливерпул одигра нерешено, тогаш двата тима ќе имаат по 90 бодови. Во тој случај решава гол-разликата, а во овој момент Сити има гол-разлика 96:24 (+72), а Ливерпул е со 91:25 (+66). Тоа значи дека Ливерпул ако одигра нерешено, Сити и со пораз ќе биде шампион, но тој пораз не смее да биде со поголема разлика од седум погодоци.

НЕРЕАЛНОТО ЧУДО КОЕ НУДИ ТЕОРИЈА ДА НЕМА ПРВАК ПО 38 КОЛА

Во сите комбинации, пресметки и математики, постои едно неверојатно сценарио кое би направило да нема првак по 38 одиграни кола и да мора да решава еден меч за шампионска титула.

Пресметките се дека Ливерпул треба да ремизира 5:5 против Вулверхемптон, а Сити да загуби со 0:6 од Астон вила, па во тој случај двата тима ќе имаат еднаков број бодови и иста гол-разлика од 96:30.

Сепак, оваа последна опција е речиси невозможна, па на 22 мај со почеток во 17 часот ќе започне последното коло, а околу 19 часот ќе се знае шампионот на Англија.

 

- Оглас -

Најнови вести