Како е можно тоа? Исправно досуден пенал за фаул надвор од теренот (Видео)

Олимпик Лион се пласираше во четвртфиналето од Купот на Франција откако со 2:1 славеше на гости кај Ница. Дуелот не беше толку квалитетен колку што беше неизвесен на крајот.

Гостите поведоа со погодокот на Муса Дембеле во 15-тата минута и предноста ја имаа до 89-тата минута. Тогаш Ница израмни на 1:1, но тоа не беше конечен резултат. Во судиското надополнување се случи ситуација за која е потребно објаснување за одлуката на судијата.

Лион беше во напад, гостинскиот играч влезе во шеснаесетникот, топката одеше кон аут-линијата, но тој успеа да ја стигне и нафрли. Во тој момент над играчот на Лион стартуваше домашниот фудбалер Данте. Фаулот беше директно на ногата на противникот, но тоа беше во момент кога двајцата фудбалери беа надвор од теренот.

Иако фаулот беше надвор од теренот, судијата покажа дека тоа е пенал и не згреши. Како е можно фаул кој е надвор од теренот да е пенал? Според фудбалските правила: Доколку топката е во игра, а прекршокот се случи надвор од теренот за игра, играта ќе продолжи со слободен удар на граничната линија која е најблиску до направениот фаул. Во случај прекршокот да е направен надвор од теренот, пенал може да се досуди ако тоа место е во домет на казнениот простор и најблиска линија му е токму линијата од шеснаестникот, како што беше случај во ситуацијата на пеналот за Лион.

Овие две екипи в недела повторно ќе играат на теренот на Ница, но овојпат во рамките од француското првенство.

Најинтересните моменти од мечот може да ги видите на клипот, а необичната ситуација за пеналот е по 1:30 минута.

https://youtu.be/hAR6n9eG2xY

 

- Оглас -

Најнови вести