Напаѓачот на Верона, Гифт Орбан, јавно се извини за инцидентот што го направи по завршувањето на мечот против Милан. Верона го загуби тој дуел со 0:1 на свој терен, а по средбата, пред стадионот Орбан физички се пресмета со еден домашен навивач.
Инцидентот се случи кога Орбан одби да се фотографира со навивачот, а лутиот фан удри по колата на фудбалерот. Тогаш Орбан излезе од автомобилот и го нападна навивачот. Поголем инцидент спречија случајните минувачи, кои го раздвоија Орбан од намерата да продолжи да се тепа.
Од клубот Верона веднаш стигна реакција во која се вели дека осудуваат секаков вид насилство и дека дополнително ќе го разгледаат овој инцидент. Подоцна се извини и самиот Орбан.
„Најискрено жалам поради мојата реакција. Нема оправдување за губењето на контролата и целосно ја преземам одговорноста. Ветувам дека ќе извлечам поука од оваа грешка и дека ќе бидам подобар во иднина. Навивачите се темел на овој клуб и ја ценам страста и лојалноста која ја покажуваат на секој натпревар. Напорно ќе работам за повторно да стекнам поголема доверба. Тоа ќе го покажам со дела не само со зборови“, рече фудбалерот на Верона во своето извинување за инцидентот што го предизвика. Верона размислува да го казни Орбан, но засега нема никаква официјална реакција.

