Како го добил прекарот Цицо и кој му го дал

Златко Крањчар, легендарниот играч и тренер, а своевремено и селектор на хрватската фудбалска репрезентација, денеска почина на 65-годишна возраст. Крањчар почина по кратко, но тешко боледување.

Малкумина беа тие кои Крањчар го викаа Златко. Неговиот познат прекарот беше Цицо. Пред неколку години самиот Цицо реши да открие кога и кој му го дал познатиот прекар.

„Зошто Цицо? Тој прекар го добив како дете, кога имав околу четири години. Тогаш многу ми се допадна цуцлата и постојано сакав да цицам и цицам. Тогаш мајка ми ме нарече Цицо и тој прекар ми остана до денеска“, откри Крањчар во едно телевизиско интервју.

Крањчар играше за Динамо Загреб, кој му беше и матичен клуб од 1973 до 1983 година, а кај популарните Модри беше и во најмладите денови, како член на младинските категории од 1966 година.

Потоа 7 години го носеше дресот на Рапид Виена, а кариерата ја заврши во 1991 година, како фудбалер на австрискиот Сент Пелтен.

Како тренер мина многу различни дестинации и беше на кормилото на над 20 клубови и на неколку репрезентации. Меѓу нив се: Хрватска и Црна Гора, а во последната фудбалска мисија беше селектор и на репрезентацијата на Иран за играчи до 23 години.

- Оглас -

Најнови вести