Како играа против Нетс, Томпсон и Кари ја будат надежта дека Голден стејт може до титула

Голден стејт вориорс го победи Бруклин нетс со 110-106, а популарните „Сплеш брадерс“, Стеф Кари и Клеј Томпсон, потсетија на шампионските денови и ги постигнаа последните 17 поени за Вориорс.

Клучна беше тројката на Томпсон на 12 секунди до крајот, кога на својот тим му донесе предност од четири поени разлика. Ова е најважниот кош за Томпсон откако се врати на паркетите после две и пол годишна пауза.

За Бруклин кој играше без Џејмс Харден и Кевин Дурант, ова е четврти пораз по ред. Не им беа доволни 32-та поени на Кајри Ирвинг. Ирвинг после мечот беше снимен како го прашува Томпсон: „Може ли да се повозам на твојот брод капетане?“, па и тој момент предизвика големо внимание и коментари.

Шоу имаше и во Мајами, каде што гостите од Торонто славеа со 124-120, дури по три продолженија. Сите петмина стартери на Репторс, играа 50 или повеќе минути.

Рик Карлајл кој е актуелен тренер на Индијана, се врати во Далас каде што ги водеше Маверикс 13 сезони, и во шампионската 2011 година, но камбекот му беше расипан од Лука Дончиќ. Словенецот со 30 поени од кои 22 во првото полувреме, ги предводеше Дивите телиња до убедлив триумф над екс тренерот со 132-105.

Ова е тројката на Томпсон со која Голден стејт ги скина Мрежичките од Бруклин:

https://twitter.com/i/status/1487638593363451906

- Оглас -

Најнови вести