Како од бајка: Пред две години го купија за 5 милиони евра, а сега го руши англискиот рекорд за најголем трансфер во историјата

Мојсес Каиседо е дефанзивниот играч за врска на Брајтон, кој стана најголема приказна во летниот преоден рок во Европа. Младиот 21-годишен Еквадорец станува најскап фудбалер во историјата на англискиот фудбал. Челзи одлучи да плати неверојатни 115 милиони фунти (133 милиони евра) за да го донесе овој играч. Договорот е до 2031 година, со опција за продолжување до 2032 година.

Досегашниот рекорд за најскап трансфер го држеше Енцо Фернандес, кој пред седум месеци во Челзи дојде за сума од 107 милиони фунти. Трет на оваа листа е Џек Грилиш, чиј трансфер од Астон вила во Манчестер сити вредеше точно 100 милиони фунти.

Филмска е приказната за тоа како Каиседо стана најскап фудбалер во историјата на англискиот фудбал. Пред малку повеќе од две години, односно во зимскиот преоден рок во 2021 година, Брајтон го купи тогашниот тинејџер само за пет милиони евра од тимот на Индепендиенте дел Вејл, а сега ќе добие неверојатни 133 милиони фунти.

Кога пристигна во Брајтон, Каиседо не се снајде најдобро и беше даден на позајмица во белгискиот Бершот. Таму одигра една полусезона, а откако Бершот испадна од белгиската прва лига, Каиседо беше вратен во Брајтон. На почетокот на минатата година, англискиот тим остана без дефанзивен играч за врска и тогаш шанса доби Каиседо, кога и започнува вртоглавиот раст во кариерата на овој играч.

Од трансферот на Каиседо добро ќе се офајди и Индепендиенте дел Вејл. Тие го продадоа во Брајтон за 5 милиони евра, а сега како бонус од овој трансфер во нивната каса ќе се влејат дури 27 милиони евра.

Во следниот период останува да видиме Каиседо дали ќе го оправда рекордниот трансфер и дали ќе продолжи оваа фудбласка бајка на фудбалерот кој едвај има одиграно 45 меча во Премиер лигата, а стана најскап во историјата.

- Оглас -

Најнови вести