Како што минуваат деновите, така оптимизмот се зголемува. Во Саудиска Арабија се убедени дека Лео Меси ќе стане играч на Ал-Хилал штом заврши сезоната во Франција. Понудата е на маса од јануари, a политичките и спортските лидери во арапската земја се убедени дека Аргентинецот ќе каже „да“.
Тие немаа дилеми ниту пред потписот на Кристијано Роналдо за Ал-Наср и сакаат во своето првенство да гледаат мегадуел Роналдо – Меси.
Меси е три години помлад од Кристијано, па затоа и понудата за Аргентинецот е повисока, неверојатни 300 милиони евра по сезона. Најавите од Саудиска Арабија се дека неколку фудбалери кои во минатото настапуваа во Шпанија ќе се преселат во нивното првенство, а на листата со желби се Бускетс, Модриќ, Алба и Начо.
Од друга страна, Барселона продолжува да прави калкулации и да ја средува економската состојба за да добие зелено светло од Ла Лига за трансферот на Меси, но понудата на Каталонците ќе биде неколкукратно пониска од таа на Саудијците. Единствена карта на која Барселона може да игра се емоциите и љубовта на Меси кон клубот од „Камп ноу“.
И Левандовски пред извесен период се вклучи во кампањата и обидите да се врати Меси во Барселона, па во една прилика изјави:
„Отсекогаш сум сакал да играм со играчи кои разбираат фудбал. А Лео е врвен играч. Исто така, Меси малку го промени стилот на игра во последните години. Денес тој е повеќе ‘десетка’, играч од средниот ред”, рече тогаш Левандовски.
Лео Меси целата своја кариера ја мина во Барселона, но пред две сезони мораше да си замине и да потпише за ПСЖ поради финансиските проблеми во кои се најде каталонскиот гигант.