Кандидатот за претседател на Реал Мадрид, Енрике Рикелме, предизвика бурни реакции во шпанската јавност со своите остри изјави на сметка на најголемиот ривал Барселона.
Младиот милијардер, кој ќе му биде противкандидат на Флорентино Перес на изборите за претседател на Реал, јавно изјави дека би сакал Барселона да биде исфрлена во понизок ранг на натпреварување, а дури и целосно да исчезне.
„Сакам Барселона да биде исфрлена во понизок ранг. Тоа би ме направило многу среќен. Сакам да исчезнат. Не би ми пречело ниту тоа“, изјави Рикелме во телевизиско интервју.
На прашањето дали отсуството на Барселона би ја направило Ла Лига помалку интересна, тој кратко одговори:
„Воопшто не ми е грижа.“
Рикелме се осврна и на случајот „Негреира“, во кој каталонскиот клуб беше под истрага поради исплати кон поранешен судиски функционер. Според него, доколку се утврди вина, Барселона треба да се соочи со сериозни последици.
Во рамките на својата изборна кампања, 37-годишникот најави и големи засилувања за Реал. Тој тврди дека има план за доведување на Ерлинг Халанд, Родри и Витиња, а исто така сака легендата Раул Гонзалес да стане спортски директор на клубот.
„Ако бидам избран, Раул ќе биде спортски директор на Реал. За таа функција мора да бидеш легенда на клубот, а никој не го познава Реал подобро од него“, порача Рикелме.
Неговите изјави предизвикаа големо незадоволство во Каталонија, каде што многумина сметаат дека ваквата реторика ги надминува границите на спортското ривалство. Дел од шпанските медиуми оценуваат дека Рикелме на овој начин се обидува да ја придобие поддршката од најрадикалниот дел од навивачите на Реал.
Изборите за претседател на Реал Мадрид се закажани за 7 јуни, а Перез и понатаму важи за голем фаворит за нов мандат.

