Фудбалската репрезентација на Гана ремизира 1:1 против Велс во Кардиф во последниот пријателски натпревар пред заминувањето на Светското првенство. Африканската селекција поведе во 66-тата минута преку Кејлеб Јиренки, но домаќините успеаја да избегнат пораз со голот на Луис Кумас во третата минута од судиското продолжение.
Со овој резултат Гана ја продолжи негативната серија на шест последователни натпревари без победа во подготвителниот период. Лошата низа започна уште во ноември, со поразите од Јапонија (0:2) и Јужна Кореја (0:1), а продолжи во март против Австрија (1:5) и Германија (1:2). Пред неколку дена следуваше и пораз од Мексико (0:2).
Дополнителен проблем за Гана е и неодамнешната смена на селекторот. На крајот од март функцијата ја напушти Ото Адо, а на негово место пристигна искусниот португалски стратег Карлос Кеирош.
Ганците со задоцнување го објавија и списокот на патници за Светското првенство, а покрај неколкуте проблеми во ростерот, на турнирот заминуваат со далеку од идеално расположение.
Репрезентацијата ќе се подготвува во кампот во Бостон, а настапот на Мундијалот ќе го отвори на 18 јуни против Панама во групата „Л“. Потоа следуваат дуели со Англија на 23 јуни и со Хрватска на 27 јуни.

