Сè повеќе јавни личности, пред сè спортисти, бараат Израел да биде исфрлен од сите меѓународни натпреварувања, како што беше случајот и со Русија. Во оваа кампања се вклучи и легендарниот Франзуцин Ерик Кантона, кој остави длабока фудбалска трага во Манчестер јунајтед.
„Играв за Франција и за Манчестер јунајтед. Знам дека меѓународниот фудбал е повеќе од спорт, тоа е култура, тоа е политика, тоа е моќ. Тоа е начин на кој една земја се претставува на меѓународен план, а сега е дојдено време таа привилегија да му се ускрати на Израел. По четири дена од почетокот на војната во Украина, Русија беше суспендирана, но и 716 дена од почетокот на војната во Газа, Израел сè уште игра. Зошто двојни стандарди? ФИФА и УЕФА мора да го суспендираат Израел. Клубовите мора да одбијат да играат против израелските екипи. Сите се сеќаваме на апартхејдот во Јужна Африка. Спортскиот бојкот ја одигра клучната улога“, рече Кантона.
Израел се наоѓа на третото место во квалификациите за пласман на Светското првенство 2026, со еднаков број бодови како и Италија на втората позиција, но и шест помалку од лидерот Норвешка.
Од Шпанија веќе пристигнаа закани дека ќе го бојкотираат Мундијалот доколку Израел обезбеди пласман и му биде дозволено да учествува.

