Капарос се жали: Физички сме исцрпени, ама ваков меч се игра до последен здив

Хоакин Капарос вели дека мечот против Македонија утре во Никозија мора да се одигра со последниот атом од силите, иако признава дека Ерменците се преморени по исцрпувачкиот дуел во Батуми против Грузија.

Ерменците победија со 2:1 и утре на арената „НЕО ГСП“ против нас ќе играат во директен дуел за првото место, а им одговара само победа.

„Ми се допадна тактиката да играме со двајца напаѓачи. Карапетјан и Адамјан перфектно си ја зваршија работата, а и сега ни треба слична претстава. Треба да вршиме притисок на одбранбените играчи, но имаме мака бидејќи сите играчи се исцрпени.

Физички не стоиме добро, но ваков меч се игра до последен здив. Македонија е во налет, се пласираа на ЕП и ќе ни биде тешко. Одиме на сè или ништо бидејќи ни одговара само победа“, изјави Капарос.

Македонија утре од 18 часот ќе го почне директниот дуел за првото место во втората група од Сегментот Ц со 9 бода, еден повеќе од Ерменците, што значи дека ни одговара и реми.

Сепак, како што потенцираа и селекторот Игор Ангеловски и капитенот Иван Тричковски, нема да калкулираме и Македонија ќе се обиде да го продолжи серијалот од победи што нè донесе до историски успех и пласман на Европското првенство идната година.

 

- Оглас -

Најнови вести