Капело: Јас би го трампал Дибала за Кејн

Поранешниот тренер на Јувентус и некогашен англиски селектор, Фабио Капело, вели дека ако Старата дама реши да го продаде Пауло Дибала, треба на негово место да го донесе Хари Кејн од Тотенхем.

Капело од 2004 до 2007 година го водеше Јуве, но немаше успеси како со Милан. Тој смета дека падот на формата на Дибала се должи на неговите проблеми со коронавирусот.

„Ковид е едно од објаснувањата, особено за играч како Дибала кому му треба да дрибла. Тој секако има огромни квалитети, но во моментов остава некои отворени прашања и дилеми. Треба да ја врати физичката кондиција за да се врати во топ-форма. Дибала кога е добар, може сè да направи, па и да игра во трио со Роналдо и Мората“, анализира Капело.

Дон Фабио додава дека Дибала го потсетува на Дејан Савичевиќ и не би го трампал во Манчестер јунајтед за Пол Погба.

„Пауло ме потсетува на Савичевиќ. Има одлична визија и дриблерски способности. Силен е во долниот дел од телото и тоа му помага да избегнува лизгачки стартови. Дибала е подобар финишер и повеќе е индивидуалец, а Дејан беше подобар асистент и подобар тимски играч. Јас не би го продал Дибала за да го добијам Погба. Ако е можно, би го разменил за Хари Кејн“, вели Капело.

- Оглас -

Најнови вести