РК Вардар 1961 и официјално ќе продолжи да смета на својот капитен и во наредната сезона откако Гоце Георгиевски стави потпис на нов договор и потврди дека кариерата ќе ја заврши во дресот на Црвено-црните.
Искусното десно крило, кое потекнува од РК Металург, зад себе има богата интернационална кариера, настапувајќи за Тулуз и Динамо Букурешт, во сезоната 2020/21 пред да се пресели во Вардар. Оттогаш Георгиевски прерасна во еден од лидерите на тимот и еден од најважните играчи во соблекувалната.
Од клубот не го криеја задоволството поради продолжувањето на соработката со капитенот.
„Горди сме што Гоце ќе остане дел од Вардар и што токму тука ќе ѝ стави крај на својата блескава кариера. Веруваме дека заедно нè очекува уште поуспешна сезона“, порачаа од вардаровиот табор.
Во новата сезона Георгиевски ќе ја дели позицијата со Вукашин Воркапиќ, српскиот репрезентативец кој пристигна во клубот во текот на зимскиот преоден рок.

