Борусија Дортмунд загуби во дербито од Баерн Минхен, иако по само девет минути имаше водство од 2:0 на „Алијанц Арена“. Баерн во првиот дел стигна до 2:2 и така беше се до финишот на средбата. Тогаш се случи клучниот момент. Горецка даде гол во 88 минута за 3:2, а точка на мечот стави Роберт Левандовски со својот трет гол за конечни 4:2.
По завршување на средбата, капитенот на Борусија Дортмунд, Марко Ројс беше лут на судијата кој не досудил фаул во корист на гостите, непосредно пред Баерн да го даде третиот погодок. Лерој Сане беше во дуел со Емре Кан, а Ројс верува дека имало фаул над неговиот соиграч.
„Тоа беше чист прекршок. искрено ако таква ситуација се случеше против Баерн, судијата веднаш ќе досудеше фаул. Тоа е така и готово“, рече Ројс.
И тренерот на Борусија Дортмунд, Един Терзиќ, даде свое мислење за спорната ситуација.
„Мислам дека беше прекршок. Контакт сигурно имаше. Постојат стручњаци кои повеќе знаат и нивното мислење мора да го почитуваме“, рече Терзиќ, кој очигледно дека внимателно ги бираше зборовите за да не заработи казна за навредување на официјалните лица.