Караница околу Лигата на шампионите: Англичаните бараат едно правило да се смени, Шпанците не даваат

Лигата на шампионите веќе неколку години прави различни промени на форматот и додава некои нови правила, со едноставна цел да се зголеми популарноста и гледаноста на натпреварите. Пред една и пол година беше направена најголемата трансформација во последните неколку децении откако наместо групна фаза, се формира една лига со 36 екипи, а најдобрите 24 продолжуваат во нокаут-фазата, додека последните 12 го завршуваат евронастапот.

Сега на повидок е ново барање за промена на едно правило во ЛШ. Англиските екипи сакаат од следната сезона во составот кој е пријавен за настапите наместо стандардните 25-мина фудбалери, да има 28-мина играчи кои би им биле на располагање на тренерите.

Сепак, најверојатно ова барање на англиските клубови нема да добие „зелено светло“. На претходниот УЕФА комитет одржан претходниот месец, клубовите од Шпанија го кренаа својот глас против овој предлог за зголемување на бројот на играчи кои треба да ги пријават клубовите. Според нив, англиските екипи би добиле нерамноправна предност ако се зголеми бројот на пријавени играчи од 25 на 28.

Англиските екипи се финансиски најмоќни, располагаат со најголем играчки ростер, па секоја година тренерите дури имаат и проблеми кои играчи да бидат изоставени од списокот за настап во ЛШ, а со самото тоа се создава незадоволство и се нарушува атмосферата во екипата.

УЕФА засега го одби овој предлог на Англичаните и сигурно нема да има промени до сезоната 2027/28, кога започнува новиот циклус ТВ права и тоа е период кога најчесто се менуваат и некои „ситни“ правила.

 

- Оглас -

Најнови вести