Голден стејт вориорс поведе против Бостон селтикс со 3-2 во големото финале на НБА лигата и дојде на една победа од освојување на титулата. Рано утрово во Сан Франциско, Воините победија со 104-94, иако нивниот најдобар играч, Стеф Кари, не погоди ниту една тројка од девет обиди.
Кари првпат во кариерата не погоди тројка на плејоф меч, а севкупно сосе регуларната сезона, од 8 ноември 2018 наваму првпат му се случи да не погоди шут за три поени (на 233 меча по ред даваше барем една тројка), но постигна 16 поени. Катастрофалното шутерско издание на Кари го покри Ендрју Вигинс, кој беше јунак на средбата со 26 поени и 13 скока.
И Вигинс ги утна сите 6 шутеви за тројка, а расположен за шут беше Клеј Томпсон, кој погоди пет тројки и заврши со 21 поен. Дрејмонд Грин по трет пат во ова финале направи шест лични грешки, а имаше 8 поени, 8 скока и 7 асистенции. Резервата Џордан Пул имаше 14 поени, од кои и тројка во последната секунда од третата четвртина за водство од 75-74.
Селтикс ги утнаа првите 12 шута за тројка, а потоа погодија осум по ред. Нивен проблем беа 18-те загубени топки. Џејсон Тејтум имаше 27 поени и 10 скока.
Вориорс се на чекор од четврта титула во последните осум сезони, а ако бидат прваци, тоа ќе биде вкупно седми шампионски прстен во клупската историја и би го надминале Чикаго булс, кој има шест, па би биле трети на вечната листа зад ЛА лејкерс и Бостон.
ANDREW WIGGINS.
GOODNIGHT.
(via @warriors)pic.twitter.com/sp6l1pDWrJ
— Bleacher Report (@BleacherReport) June 14, 2022