Бразил убедливо ја совлада Панама со 6-2 во првиот од двата пријателски натпревари кои ќе ги одигра пред почетокот на Светското првенство во САД, Мексико и Канада. Кариоките приредија вистинско шоу пред навивачите на „Маракана“, демонстрирајќи атрактивен и ефикасен фудбал.
Стрелци за Бразил беа Винисиус јуниор, Каземиро, Рајан, Лукас Пакета, Игор Тијаго и Данило Оливеира. Панама до првиот погодок стигна благодарение на автоголот на Матеус Куња во 14-тата минута, додека Карлос Харви во 84-тата минута го постави конечниот резултат.
Бразилците започнаа фуриозно и поведоа уште во втората минута кога Винисиус Жуниор со силен удар ја затресе мрежата за 1-0.
Сепак, Панама израмни во 14-тата минута. По слободен удар на Амир Муриљо, топката го погоди Матеус Куња и заврши зад грбот на Алисон за 1-1.
Домаќините повторно дојдоа до предност во 39-та минута, кога Каземиро со удар со глава ја круниса асистенцијата на Винисиус.
Во второто полувреме следуваше вистинска бразилска самба. Во 53-та минута Рајан искористи голема грешка на противничкиот голман при изнесувањето на топката, ја одзеде во шеснаесетникот и прецизно погоди за 3-1.
Само седум минути подоцна Лукас Пакета со одличен удар од работ на казнениот простор зголеми на 4-1.
Петтиот гол го постигна Игор Тијаго од белата точка во 63-та минута, откако самиот избори пенал по дуел со голманот Орландо Москера.
Во 81-та минута Данило Оливеира беше прецизен за 6-1, откако доби одлична топка во казнениот простор, се ослободи од чуварот и рутински реализираше.
Панама успеа само да го ублажи поразот во 84-та минута кога Карлос Харви постигна прекрасен погодок со удар од далечина за конечни 6-2.
Бразил ќе одигра уште еден контролен натпревар пред стартот на Мундијалот. На 7 јуни во САД ќе се соочи со Египет, по што вниманието целосно ќе го насочи кон првиот натпревар на Светското првенство против Мароко, закажан за 14 јуни.

