Карл Луис со жестоки критики кон штафетата на САД која се посрамоти и остана без финале

Најуспешниот американски атлетичар по бројот на освоени златни медали на Олимписки игри, легендарниот спринтер Карл Луис, жестоко ја критикуваше штафетата на САД на 4 х100 метри, која не успеа да се пласира ниту во финалето во оваа дисциплина, во која во времето на Луис, Американците беа светски рекордери и неприкосновени владетели.

Штафетата на САД на 4 пати по 100 метри не освоила злато на ЛОИ уште од 2000 година, а во 2004 година, кога беа втори, за последен пат освоија медал во оваа дисциплина. Денеска Американците во квалификациите беа дури шести, останаа зад Кина, Канада, Италија, Германија и Гана.

Рони Бејкер наместо палката прво го зграпчи дресот на Фред Керли, кој не ја прифати убаво штафетата, за конечно да успее од третиот обид, и тоа откако Бејкер буквално со двете раце му ја донесе палката пред лице. Тие по трката признаа дека не тренирале многу примопредавање на палка.

„Ова е како НФЛ-тренер да го предводи својот тим во Супербол и да загуби со резултат 99-0 бидејќи биле неподготвени. Ова е неприфатливо. Многу сум лут. Цела држава навива за нив, а добива ваква кловновска претстава. Ова е неприфатливо, не е тешко да се трча во штафета“, изјави Луис.

„Системот на предавање на палката беше погрешен, атлетичарите трчаа во погрешни етапи. Бејкер никогаш не трчал во кривини, а го ставија да трча од 200-тиот до 300-тиот метар. Срамота, неприфатливо е тимот на САД да изгледа вака“, додаде Луис.

- Оглас -

Најнови вести