Македонската машка кадетска репрезентација по голема борба успеа да слави против Република Српска со 27:25 во меч од третото коло на Светското училишно првенство во ракомет. Ова е трета победа во третиот меч за нашата селекција и останува уште во последното коло, кое ќе се игра в недела, со триумф над Саудиска Арабија да го потврди првото место во групата.

Добро започнаа македонските надежи и во првото полувреме создадоа солидна предност, па на пауза заминаа со предност од 15:10. Сепак, второто полувреме покажа дека има и осцилации во играта на Македонија. Противникот полека ја „топеше“ предноста, а во еден момент стигна и до водство од 23:22.
Во последните пет минути резултатот беше израмнет 24:24, а во финишот нашите ракометари беа посконцентрирани и на крајот стигнаа до посакуваната победа со која остануваат на чело на табелата.

Македонската женска кадетска репрезентација како првопласирана во својата група Ц оди во четвртфиналето. По Белгија и Грузија, нашите млади надежи ја победија и Словачка со 28-13 (11-7). За место во полуфиналето Македонија ќе се бори или со Романија или со Бразил.
Интересно прво полувреме се одигра во салата „Крсте Мисирков“, која и денеска беше исполнета со учениците од ова школо. Македонија од стартот го наметна своето темпо и поведе до 10-4, а на одморот резултатот беше 11-7.

Доминацијата на македонската женска ракометна репрезентација продолжи и во вториот дел, потоа речиси на средината беше 18-11. Со оваа победа Македонија го обезбеди првото место во групата со максимални шест бода и сега следува предизвикот во четвртфиналето.

