Касилјас пуштен од болница: Најважно е што сум жив

Икер Касилјас денес ја напушти болницата во Порто во која лежеше поради претрпен инфаркт пред неколку дена на еден тренинг со екипата на Порто. Искусниот шпански голман ѝ се обрати на јавноста пред влезот на самата болница и посочи дека е најважно што останал жив.

Триесет и осумгодишниот чувар на мрежата се заблагодари на сета поддршка која ја доби од спортската јавност изминативе денови, а воедно потврди дека му следува одмор на подолг период.

„Тешко ми е да зборувам, но благодарен сум што денес сум тука со вас. Можеше да се случи секому во кој било момент од животот, но ете ми се случи и мене. Им благодарам на сите кои ме поддржуваа изминативе неколку дена. Исто така им благодарам и на докторите и сите останати кои интервенираа при несреќата и ми го спасија животот. Сега се чувствувам подобро, следува одмор од неколку недели, можеби и месеци. Не е важно колку ќе трае закрепнувањето, не е ниту време да се размислува за фудбал, најважно е што сум жив“. изјави Касилјас.

Еден ден по инцидентот, експертите кои ја следеа ситуацијата со поранешниот голман на Реал Мадрид тврдеа дека неговата професионална кариера е завршена, додека Касилјас засега не размислува за враќање на терените.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести