Касилјас сака пак да брани, докторите велат дека кариерата му е завршена

Икер Касилјас точно пред 20 години првпат се појави на голот на Реал Мадрид и во следните деценија и пол стана заштитен знак за Кралскиот клуб. Голманот кој ја носеше и капитенската лента во 2015 година мораше да си замине затоа што се скара со тренерот Жозе Мурињо. Касилјас го одбра Порто, каде што уште е член.

Сепак, во годината кога Икер слави две децении од дебито во профи фудбалот, вчера за време на тренингот доживеа срцев напад. Голманот веднаш беше пренесен во болница, а, за среќа, инфарктот не бил многу силен. Самиот Касилјас по неколку часа испрати фотографија и порака дека е добро. Тој би сакал да се врати повторно на теренот, но лекарите не се толку големи оптимисти.

„Икер повеќе нема да може да се занимава професионално со фудбал. Ќе може да види нормален живот, но неговата кариера е завршена“, вели реномираниот шпански кардиолог Хуан Антонио Корбалан, кој исто така е поранешен кошаркар на Реал Мадрид и еден од 50-те играчи кои беа прогласени за најдобри во 1991 година.

Касилјас има 37 години, а сезонава бранеше вкупно на 42 натпревари за Порто, покажувајќи дека уште може да го држи пеколниот ритам во фудбалот. Актуелниот договор со Порто му е до јуни 2021 година.

 

- Оглас -

Најнови вести