Славниот уругвајски напаѓач Едисон Кавани објави дека се пензионира од активното играње фудбал. Еден од најдобрите напаѓачи во модерната ера на европскиот фудбал заминува во пензија на 38-годишна возраст како член на аргентинската Бока јуниорс, и тоа на една година пред истекот на договорот.
Кавани ќе остане запаметен како фудбалерот кој постигна 104 гола за Наполи, но и со над 200 гола беше рекордер во историјата на ПСЖ сè додека неговиот рекорд не беше срушен од Килијан Мбапе.
„Фудбалу, ти благодарам! Ти ме обликуваше, ме предизвика, ме научи да се издигнувам кога ќе паднам и да го ценам секој чекор од патот. Ми овозможи да ги остварам соништата кои како дете ми изгледаа невозможни и да запознаам неверојатни луѓе на теренот и надвор од него. Ништо од сето ова не би било возможно без моето семејство, пријателите, соиграчите, тренерите и, пред сè, навивачите. Љубовта на навивачите во секоја земја и во секој клуб засекогаш ќе ја носам со себе. Заминувајќи, заминувам во мир и со спокој затоа што знам дека го дадов најдоброто од себе на секој тренинг и на секој натпревар. Со грешки, со успеси, но секогаш со почит кон оваа професија која ми даде толку многу“, напиша Кавани.
Уругваецот во својата кариера настапуваше за Данубио, Палермо, Наполи, ПСЖ, Манчестер јунајтед, Валенсија и Бока јуниорс. За репрезентацијата на Уругвај одигра 136 натпревари и постигна 58 гола.

