Ќе биде напнато до крај – Премиерот на Австралија се закани: Ако нема цврст доказ, Ѓоковиќ ќе биде вратен со првиот авион

Премиерот на Австралија, Скот Морисон, е под голем притисок на јавноста поради медицинската потврда што ја доби Новак Ѓоковиќ, кој не е вакциниран, но ќе може да игра на Отвореното првенство на Австралија.

Гренслем-турнирот во Мелбурн ќе се игра од 17 до 30 јануари, а најдобриот светски тенисер доби дозвола, односно валидна медицинска белешка дека од здравствени причини не можел да се вакцинира и ќе настапи на Отвореното првенство на Австралија.

Тоа било изведено по строги проверки во две фази, а комисијата составена од тројца медицински експерти од различни области му даде зелено светло на Ѓоковиќ да игра во Мелбурн.

Ваквата процедура која била анонимна Ѓоковиќ ја минал двапати, објавија организаторите на турнирот.

Но сега има нов проблем што го најави Премиерот Морисон, кој изјави дека Новак треба да ги презентира доказите и ако тие не се доволни, можно е и да не добиеме дозвола да игра.

„Очекуваме да ги презентира доказите. Ако не се доволни, кон него ќе се однесуваме како кон сите останати и со првиот авион ќе го вратиме дома. Нема да има посебни правила за Ѓоковиќ“, изјави австралискиот премиер.

Објавено е дека 26-мина тенисери и тенисерки побарале сличен документ за изземање како Ѓоковиќ, а бројката на одобрени медицински белешки каква што доби Ноле е многу мала.

Познат е случајот на Ѓоковиќ со глутенот, на кој е алергичен и се претпоставува дека врз таа основа има добиено медицинска потврда дека не смее да се вакцинира, што засега му овозможува да игра на Отвореното првенство на Австралија.

- Оглас -

Најнови вести