Фудбалерите на Манчестер Сити направија голем кикс во борбата за шампионската титула, откако во 35-то коло од англиската Премиер лига синоќа ремизираа 3:3 на гостувањето кај Евертон. По ова реми, Сити сега заостанува пет бода зад Арсенал во трката за титулата, а Граѓаните имаат и еден меч плус за играње. Дури и да победи во заостанатата средба, Сити ќе биде два бода зад Арсенал, а до крајот има само уште три кола.
Сити прв даде гол и водеше со 1:0 на полувреме, но во вториот дел Евертон постигна три погодоци во низа и стигна до преднсот од 3:1. Во финишот на средбата, Сити сепак успеа да се спаси од пораз и да стигне барем до еден бод од ова гостување во Ливерпул.
„Одигравме навистина добро прво полувреме. Во вториот дел тие заиграа на повисоко ниво. Им дадовме гол, но откако се вратија во играта, го направија вистински англиски натпревар, со толку многу агресија во дуелите. Но, генерално игравме многу добро“, рече по мечот тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола.
Стратегот на Граѓаните сепак дополни дека борбата за титулата ќе продолжи додека имаат шанса да се борат за трофејот.
„Гостувањето против Евертон е секогаш тешко. Сега нашата судбина повеќе не е во наши раце. Имаме уште четири натпревари и ќе видиме што ќе се случи“, заклучи тој.

