Ќе ги исцеди македонските клубови – УЕФА нареди патувања само со чартер-летови

УЕФА почна да ги испраќа строгите протоколи до своите членки пред стартот на натпреварите во европските купови за сезоната што следува.

Според Европската куќа на фудбалот, на патувањата во странство екипите што ќе играат во квалификациите за Лигата на шампионите и за Лигата на Европа, а подоцна и во фазата по групи ќе мора да патуваат со чартер-летови.

Ќе има и филтер за патниците во авионите и ќе мора максимално да се намали бројот на патници, односно членови на клубот што не се неопходни на гостувањата.

На аеродромите при пристигнувањето и заминувањето ќе мора да се носат маски и максимално да се редуцираат контактите со останатите луѓе.

Сите пријавени фудбалери и членови на клубот ќе мора да бидат тестирани на ковид-19 два дена пред натпреварите, и тоа во лабаратории што ќе ги одреди УЕФА.

Како што е познато, сите квалификациски рунди ќе се играат по нов формат поради пандемијата со ковид-19. Ќе има само еден меч, наместо два како досега, освен за последната фаза, кога ќе се игра плејофот за пласман во фазата по групи.

Македонија во сезоната што следува во квалификациите за Лигата на шампионите ќе ја претставува Силекс, а квалификациски рунди во Лигата на Европа ќе играат Шкендија, Ренова и Шкупи.

- Оглас -

Најнови вести