Ќе го дочекаме ли Ханси Флик на големиот празник во Скопје? Барселона може да биде партибрејкер

Ќе го дочекаме ли Ханси Флик како селектор на Германија на големиот македонски празник, на 11 октомври во Скопје, на дуел меѓу нашата репрезентација и „Елфот“ во меч од квалификациите за Светско првенство?

Сега тоа веќе и не е толку сигурна варијанта бидејќи шпанската „Марка“ објави дека Флик веќе преговара со Барселона. Неодамна беше објавено дека трофејниот тренер на Баерн Минхен е сигурен нов селектор на Германија веднаш по завршувањето на Европското првенство, што ќе биде лебедова песна на Јоаким Лев.

Лев по 15 години сигурно ќе си замине од кормилото на германската репрезентација, а работата ја забрза и сензационалната победа на Македонија од 2:1 во Дуисбург.

Веднаш откако Лев потврди дека ќе ја води Германија на ЕП и потоа ќе си замине, Германската фудбалска федерација го контактираше Флик и беше објавено дека има сигурен адут во тренерот на Баерн како нов селектор.

Барселона може да биде партибрејкерот ако Ханси се пишмани во преговорите со Германската фудбалска федерација и го прифати предизвикот да го предводи од клупата шпанскиот гигант, што е голема желба на Жоан Лапорта, новиот претседател на Барселона.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести