Претседателот на Маритимо, Карлос Переира ја поздрави одлуката портгалскиот фудбал да се рестартира од 30. мај, но вели дека има многу нелогичности во одлуката сезоната да се доигра без публика.
„Секако дека се радувам на одлуката да се вратиме на фудбалските терени од 30. мај и да ја доиграме сезоната, но има и многу нелогични работи. Ако кината и театрите работат со присуство на луѓе, тогаш не гледам проблем да има публика на стадионите. Може да се создадат услови за социјална дистанца, но без гледачи ќе биде како да сме на погреб. Нема да помогнат ниту камерите, ниту ТВ преносите. Без публика фудбалот го губи шармот“, вели Переира.
Португалците одлучија да ја завршат сезоната, а во популарната Примеира има да се доиграат уште 10 кола.
Трката за титулата е меѓу двата најтрофејни клуба во Португалија, а Порто е лидер со 60 бодови, еден повеќе од Бенфика.
Маритимо е на 15. место со 24 бодови, 8 повеќе од Портимонензе и 11 од Авеш, кои се на последните две места, што водат во понизок ранг на натпревари.