Големата ѕвезда на Ливерпул, Мохамед Салах, ќе има итен состанок со раководството на клубот во наредните денови. Некои извори јавуваат дека разговорите меѓу двете страни ќе се одржат уште денес, само неколку часа по уште еден несреќен натпревар на Црвените во Премиер лигата, ремито 3-3 против Лидс на „Еланд Роуд“.
Египетскиот репрезентативец не учествуваше во мечот и остана на клупата за резерви цели 90 минути. Изненадувачки, по завршувањето на натпреварот Салах се обрати пред медиумите и зборуваше за својата ситуација во тимот.
Тој откри дека врската со менаџерот Арне Слот е веќе прекината и дека не може да си го објасни третманот што го добива на „Енфилд“, иако има статус на легенда.
Салах посочи дека ова можат да бидат неговите последни денови како фудбалер на Ливерпул. Летово потпиша нов договор со клубот, но не е исклучено да замине уште во јануари.
Салах по изјавата веднаш бил повикан на разговор со директорите Ричард Хјуз и Мајкл Едвардс. Многумина тврдат дека овие разговори ќе бидат клучни – или за самиот Салах, или за менаџерот Арне Слот.
Голем дел од навивачите на Црвените веќе застанаа зад египетскиот фудбалер и повикаа на отпуштање на холандскиот менаџер, кој минатата година ја донесе титулата на „Енфилд“.

